Индонезија за престојниот самит им упати покани на рускиот председател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека нема да учествува доколку Путин присуствува
Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин нема да присуствува на самитот на Г-20 што следната недела ќе се одржи на Бали, соопшти индонезискиот владин претставник Џоди Махарди.
– Москва ќе ја претставува рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров – најави Махарди.
Тој додаде дека рускиот претседател треба да се приклучи на една од средбите преку видео врска, пренесува Ројтерс.
Како домаќин на Г-20, Индонезија се спротивстави на притисокот од западните земји и Киев да ја повлече својата покана до Путин од самитот на лидерите и да ја исфрли Русија од групата поради војната во Украина, а официјални лица од земјата постојано велат дека немаат овластување да го стори тоа без консензус меѓу членовите.
Во интервју за Фајненшл тајмс, индонезискиот претседател Џоко Видодо рече дека Русија е добредојдена на самитот, за кој стравува дека ќе биде засенет од „загрижувачкиот“ пораст на меѓународните тензии.
– Г-20 нема намера да биде политички форум. Наменет е да се занимава со економија и развој – заклучи Видодо.
Индонезија го покани и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека нема да учествува доколку Путин присуствува.
На самитот се очекува да присуствуваат и неколку други светски лидери, меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг.