По повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, Владата, под мотото „Гласник на слободата“, ќе организира повеќе свечени и културни настани, како и активности во целата држава, Свечена академија, концерти и бесплатен влез во музеите .
Како дел од одбележувањето на Денот на Независноста, во организација на Владата, покрај многубројните пригодни манифестации, за граѓаните, од 11:00 часот во целата држава, ќе почне културната манифестација „Отворен ден за граѓаните“, во чии рамки ќе се обезбеди бесплатен влез за граѓаните во културните установи, музеи и галерии во целата Република.
Сите заинтересирани граѓани ширум државата, ќе имаат можност да ги посетат археолошките наоѓалишта „Стоби“, „Хераклеја“, „Баргала“, мегалитската опсерваторија „Кокино“, Музејот Охрид, музеите и заводите во Прилеп, Битола, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија, како и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија. Бесплатен влез за граѓаните ќе биде и во Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево. Во Битола, граѓаните ќе имаат можност за бесплатен влез во Музејот на албанската азбука како и во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј, во Кичево пак, во Музејот на Западна Македонија во НОВ, додека во Струга ќе биде бесплатен влезот во Музејот д-р Никола Незлобински.