После вчерашниот метеж низ улиците на Скопје кога со часови беа заглавени граѓаните, денес со официјални соопштенија испаднаа,од МВР и од градот Скопје.

Сообраќајот на раскрсниците во Скопје е надлежност на Градот, службите на Арсовска го создадоа метежот, а МВР го расчисти

Наместо да бара објаснување од МВР и да ги дезинформира граѓаните со произволни Фејсбук статуси, градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска да почне да си ја врши работата и кога веќе не знае, да научи кои се нејзините надлежности и надлежностите на службите на градот кој таа го управува. Зачудува несериозноста на градоначалничката, која со невидена леснотија за проблеми кои се во нејзина надлежност се обидува вината да ја насочи кон МВР. Со цел да не дозволиме Арсовска да ја лаже јавноста и да бара алиби за своето незнаење во МВР, ја информираме јавноста дека според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата „Надлежен орган за управување и контрола на сообраќајот на крстосниците на подрачјето на град Скопје е град Скопје преку Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС)“.
Бидејќи службите на град Скопје не си ја завршија работата, односно не можеа да се справат со ситуацијата и беше создаден сообраќаен метеж во Скопје (на што објективно влијаеја и сообраќајната незгода кај ТЦ Мавровка и неколку полесни сообраќајни незгоди, но и зголемената употреба на возила од страна на граѓаните поради временските услови), а врз основа на член 5 од ЗБСП, СВР Скопје -Единица за безбедност на сообраќајот на патиштата – Одделение за безбедност на патниот сообраќај постапи со цел да се овозможи поголема проточност на сообраќајот, што и беше направено, односно метежот беше расчистен.

Градот нема надлежност за регулирање на сообраќај, МВР да си ја врши професионално својата работа 07.12.2021

Градот Скопје реагира на изнесените невистини во соопштението од страна на Министерството за внатрешни работи и уште еднаш бара одговори за денешното исклучување на семафорите од страна на сообраќајната полиција која е под надлежност на МВР и предизвикување на сообраќаен хаос во градот.

Јасни се надлежностите на Градот и на Центарот за управување и контрола на сообраќајот, кој служи исклучиво за мониторинг на сообраќајот во градот. Градот Скопје ниту има надлежност за регулирање на сообраќај, ниту пак има надлежност во регулирање при сообраќајни несреќи. Денешниот ден е доказ дека граѓаните се жртва секогаш кога институциите, а во случајов МВР не си ја вршат својата работа. Град Скопје тоа нема да го дозволи и ќе бара одговори и одговорност.

Според изнесеното изгледа дека никој не е надлежен, па граѓаните сами ќе мора да се снаоѓаат.

Ако по утрото се познава денот тешко на овој македонски народ каде централната власт е од владеачката коалиција, а поголемиот дел од локалната од опозицијата.

By Author