Во основниот кривичен суд во Скопје денеска според најавите треба да биде изречена пресудата во случајот со ракометарот Денис Тот. За кривичното дело убиство се гонат обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски. Согласно обвинителниот акт, тие се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го претепале до смрт хрватскиот државјанин.
На претходните рочишта обвинетите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делото кое што им се става на товар. Одбраната побара ослободителна пресуда за обвинетите бидејќи според нив станува збор за обична тепачка, а не за убиство со умисла. Обвинителката пак остана на барањето за осудителна пресуда во случајот.
На последното рочиште полномошникот на законскиот застапник се приклучи на завршниот збор на обвинителката и предјави оштетно побарување за сите соодветно, во износ од 9 милиони денари.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска.
Извор : Телма