Сведоштвата се уште се собираат, а извештајот ќе биде објавен во парламентот пред да истече мандатот на актуелната шпанска влада оваа година.
Шпанскиот народен правобранител Анхел Габилондо вчера објави дека независната комисија, формирана пред една година за да истражува сексуална злоупотреба извршена од свештеници и службеници на Католичката црква, собрала сведоштва на 445 жртви.
Сè уште се собираат сведоштва, а извештајот ќе биде објавен во парламентот пред да истече мандатот на актуелната влада оваа година, рече Габилондо.
Тој посочи дека е најважно жртвите на сексуално насилство да се слушаат со почит, сериозност, дискреција и доверливост.
Адвокатска фирма со седиште во Мадрид спроведува паралелна истрага нарачана од шпанската бискупска конференција, која со години ја отфрла идејата за сеопфатен пристап за истражување на сексуалната злоупотреба, објави Ројтерс.
Шпанскиот омбудсман рече дека една година по добивањето на мандатот бара соработка на различни нивоа на Католичката црква и изрази очекување дека наскоро ќе може да смета на тоа.
Малку земји имаа владини или парламентарни истраги за злоупотреби како онаа на Шпанија. На 10 март минатата година, шпанскиот парламент гласаше за отворање на првата официјална истрага, предводена од омбудсман, за сексуална злоупотреба извршена од свештеници и црковни службеници. Владата беше принудена да дејствува откако во шпанскиот весник Ел Паис беа објавени наводи за злоупотреба во кои беа вклучени повеќе од 1.200 жртви, што предизвика негодување во јавноста, наведува Ројтерс.