Скопје денеска одбележува 59 години од земјотресот кој траел доги 20 секуди и го разори градот. Во земјотресот животот го загубија 1.070 лица, а околу 3.000 беа повредени. И по толку години од катастрофалниот скопски земјотрес сѐ уште се свежи сеќавањата на старите скопјани. Велат болката по загубените семејства е голема. Иако поминал повеќе од половина век, раскажуваат за разурнатите домови и објекти кои како кули од карти згаснувале пред нивните очи.
На 26 јули 1963 година Скопје се разбуди под урнатини. Во катастрофалниот земјотрес кој го погоди градот во 5 часот и 17 минути животот го загубија 1.070 лица, а околу 3.000 беа повредени. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени околу 28.000. Над 200.000 луѓе останаа без покрив над главата.
Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики. По неколку дена почнала да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет. Дури 87 држави во светот испратиле некаква помош во Скопје и помогнале тој да се изгради повторно, поради што градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.
Во Скопје, за првпат во времето на Студената војна меѓу капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток, се сретнале американски и советски воени сили кои заеднички им помагале на скопјани.
По земјотресот градот почнал да се гради според модерните проекти на јапонецот Кензо Танге и на Адолф Циборовски (иако при тоа имаше и одредени пропусти кои денес влијаат на поголемата загаденост на градот). Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.
Скопје не заборава….