Обвинителството го гони по седум точки.

Доналд Трамп, поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, е обвинет за незаконско ракување со доверливи документи откако ја напушти Белата куќа, јавува Би-Би-Си.

Обвинителството го гони Трамп (76) по вкупно 7 обвиненија, а обвинението се уште не е достапно за јавноста.

Ова е првпат да се покрене федерален случај против поранешен претседател.

Трамп, да потсетиме, веќе е во кампања за реизбор на функцијата претседател на САД во 2024 година.Тој е фаворит меѓу републиканските кандидати за номинација спрема истражувањата на јавното мислење.

Како одговор на веста, Трамп на социјалната мрежа „Truth“ објави дека е невин и дека во вторник треба да се појави пред федералниот суд во Мајами, каде што ќе биде уапсен и ќе ги прочитат обвиненијата против него.

– Не мислев дека е можно вакви работи да му се случат на поранешниот претседател на САД – напиша Трамп.

– Ова е навистина црн ден за САД. Ние сме земја во сериозен и брз пад, но заедно ќе ја направиме Америка повторно голема – додаде тој.

Во последните денови Трамп и неговите соработници се подготвуваа за потенцијално обвинение, имајќи предвид дека на неговите адвокати им било кажано дека тој е предмет на истрага.

Министерството за правда јавно не го потврди обвинението, но две лица запознаени со ситуацијата без дозвола да зборуваат за тоа јавно потврдија за новинската агенција АП дека обвинението содржи седум точки.
„Њујорк тајмс“ објави дека Трамп е обвинет за заговор за попречување на правдата, давање лажни изјави и свесно криење на националните одбранбени тајни, а сето тоа е прекршување на Законот за шпионажа.

Неговиот адвокат ги потврди овие наводи за Си-Ен-Ен.

By Author