Полковникот на ИД Питер Лернер потврди за Би-Би-Си дека нивните војници оперираат околу болницата Ал-Шифа.
„Хамас одлучи стратешки да ги позиционира своите терористички трупи во, под и околу болниците. Се обидувавме да ги охрабриме луѓето кои се засолнети во болниците да се евакуираат, бидејќи центарот на операции на Хамас е во градот Газа и таму е нивниот центар на гравитација“, рече полковникот Лернер на ИД.
Во меѓувреме, палестинската Црвена полумесечина соопшти дека израелските снајперисти пукале во болницата Ал-Кудс, исто така во градот Газа, пренесува N1.
Во Ал-Шифа беа пријавени 13 смртни случаи, додека лекар во болницата рече дека знаел за еден смртен случај, но не може да потврди ниту еден друг.
Болницата Ал-Шифа во градот Газа, која беше погодена со најмалку еден проектил во петокот, има помалку од 24 часа гориво за да остане во функција, според д-р Ашраф ал-Кудра, портпарол на Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас.
Израелската војска вели дека Хамас ја користи болницата Ал-Шифа за засолниште и оперира од тунелите под болничкиот комплекс.
Според репортерот на Би-Би-Си од Газа, се слушаат звуци на експлозии и гранатирање, а повредените се носат во болница со возила и колички влечени од коњи и магариња.
Внатре во оваа болница има десетици илјади повредени, од кои многумина се уште се во критична состојба и не можат да ја напуштат болницата поради нивните рани, пишува дописникот на Би-Би-Си.