Илјадници луѓе беа евакуирани од своите домови на шпанскиот остров Тенерифе во саботата, бидејќи шумскиот пожар беснееше на северот на островот, но пламените јазици досега ги избегнуваа главните туристички области.
Пожарникарите се борат со пламените јазици кои уништија 5.000 хектари шума. Локалните власти наведуваат дека пожарот во моментов е во фаза кога не може да се изгасне.
Службите за итни случаи на Канарските острови соопштија дека повеќе од 26.000 луѓе биле евакуирани до саботата попладне, според привремените проценки, што е повеќе од 4.500 во петокот. Сега се погодени околу 11 градови.
Силен пламен го осветли ноќното небо во текот на ноќта, а во саботата беа забележани хеликоптери како испуштаат вода на области во близина на куќите каде што чад се издигнува во воздухот, пренесува Ројтерс.
Пожарот избувна во вторникот во планинскиот национален парк околу вулканот Теиде – највисокиот врв во Шпанија – среде топло и суво време.
Претседателката на Советот на островот Тенерифе, Роза Давила изјави дека ова е невидена ситуација на тој остров. Таа посочи дека приоритет е заштитата на човечките животи и побара од граѓаните да соработуваат.
На терен е и министерот за внатрешни работи на Шпанија, Фернандо Гранде Марласка, кој изјави дека во тек е истрага за причините за пожарот.
Популарните туристички области на островот засега не се погодени, а двата аеродроми работат нормално.